Полни со оптимизам македонските ракометни репрезентативци заминуваат за Шпанија, каде в петок ќе започне Светското првенство. Селекторот Звонко Шундовски, капитенот Кирил Лазаров и десното крило Дејан Манасков, во еден здив порачаа дека, на секој натпревар ќе го дадат најдоброто од себе и дека за оваа генерација пласманот меѓу 16-те најдобри во светот е реалност.

„Задоволен сум од тоа како работевме на подготовките, одработивме три фази од подготовките, во кои одигравме три контролни натпревари. Сите играчи максимално се залагаа и заслужено си го изборија местото во репрезентацијата. Сега започнуваме да се подготвуваме за првите два натпревари (Чиле и Катар). Реалноста за овој тим е пласман во осмина финалето, а моја желба е да се освои медал, што е желба на секој ракометар и секој тренер, да се освои медал на едно големо натпреварување. Сепак, ние нема да се оптоваруваме со нашите лични желби, најважно е да имаме добар почеток, да оствариме две победи на стартот, па потоа да ги правиме математиките за понатаму“, рече на прес конференцијата селекторот Шундовски, кој вети дека репрезентативците на секој натпревар ќе го даваат својот максимум.

Шундовски вели дека времето за подготовки било кратко, но го радува тоа што играчите, како вистински професионалци, на тренинзите ги спроведувале неговите замисли. На првите две средби Македонија за противници ќе ги има репрезентациите на Чиле и Катар.

„Во секој случај Катар е сериозна репрезентација, која што веќе три-четири месеци се подготвува за ова СП и особено за дуелот со нас. Според стилот на играта тие се приближно според квалитетот како репрезентацијата на Египет. Сепак, мислам дека ние сме поквалитетни и дека со добра тактичка подготвеност и со максимално залагање на секој поединец ќе победиме на тој натпревар“, рече Шундовски.

Македонската репрезентација првиот натпревар на Мундијалот во Шпанија ќе го одигра на 12 јануари, противник ќе биде Чиле, на 13.јануари следува дуелот со Катар, по слободниот ден за избраниците на Шундовски ќе следува првиот сериозен тест натпреварот со Исланд (15.01), ден подоцна следува мечот со Русија, 17.јануари е слободен ден, а последниот противник во Б групата на ’црвено-жолтите’ ќе им биде европскиот првак Данска.

Ohridnews