Германскиот фудбалер Бастијан Швајнштајгер е прогласен за најдобар играч минатата сезона во Германија во изборот на спортските новинари, пред неговите двајца соиграчи од минхенски Баерн, Французинот Франк Рибери и Германецот Томас Милер, објави во неделата германскиот спортски магазин Kicker.


Швајнштајгер добил 92 од вкупно 527 гласови, Рибери – 87 а Милер – 85.

„Малку сум изненаден. Имаше моменти кога новинарите беа многу критички расположени кон мене“, изјави Швајнштајгер за магазинот.

Надмоќта на терените на Баерн, кој минатата сезона ја освои тројната круна – германскиот шампионат, германскиот куп и Лигата на шампионите, беше изразена и во изборот на Kicker, откако дури девет негови играчи се најдоа меѓу првите 15.

Борусија Дортмунд којашто во саботата навечер во германскиот Суперкуп го победи Баерн со 4:2 и минатата сезона против „баварците“ ги играше финалињата од германскиот куп и во Лигата на шампионите, меѓу првите 15 имаше петмина играчи. Мрко Ројс, кој минатата година беше прв во изборот на Kicker, годинава беше дури 11-ти.

Кај тренерите убедливо победи Јуп Хајнкес кој минатата сезона го доведе Баерн до трите титули, со 383 гласови. Втор во овој избор беше Кристијан Страјх, тренерот на Фрајбург кој освои само 77 гласови, додека тренерот на Борусија Дортмунд, Јирген Клоп е трет со 19 гласови.

„Макфакс“