Природните и културните убавини кои ги поседува Македонија како туристичка дестинација беа промовирани вчера во Стокхолм. Промоцијата која ја организираше амбасадорот на Република Македонија, во Шведска, Кире Илиески заедно со економскиот промотор Катерина Оровчанец од Инвест Македонија,  имаше за цел да ги запознае шведските тур-оператори со туристичката понуда на нашата земја.

-Имавме успешна промоција и се надевам дека приватниот сектор ќе ја претвори оваа инцијатива во конкретен бизнис. Радосен сум што направив одличен контакт со претставниците на Шведската Федерација на туристичката индустрија кои понудија интересни можности за помош во однос на развојот на туризмот во Македонија. Очекувам во наредниот период да развиеме интересна и плодна соработка со оваа федерација, изјави по презентацијата Јордан Трајков, директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Покрај шведските туристички работници, на промотивниот настан свое учество зедоа и неколку туристички компании од Македонија.

-Задоволни сме од средбата и остварените контакти со релевантни фирми од Шведскиот туристички сектор. Интересот беше  добар и очекуваме дека ќе се реализираат одредени проекти. Ваквите средби се убава можност за остварување на идни плодни деловни соработки, рече Саше Дончевски, сопственик на Туристичката агенција Атлантис.

Дончо Таневски, претседателот на ХОТАМ изјави дека средбата била ефективна и дека на неа воспоставиле контакти со десетина релевантни тур оператори од Шведска.

-Презентацијата на Република Македонија како туристичка дестинација направена од Јордан Трајков беше добар вовед во запознавањето на Шведските партнери со Македонија како туристичка дестинација нејзините потенцијали и можности која остави добар впечаток на присутните. Шведските тур оператори беа запознати и со субвенциите кои Република Македонија ги дава за организирање на летови, рече Танески.

Тој нагласи дека на средбата било побарано, шведските туроператори да се поканат на промотивно патување низ Македонија.

OhridNews