Претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, денес им го додели признанието „Инженерски прстен 2026“ на 14 најуспешни дипломирани инженери од инженерските факултети во рамките на универзитетите „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, „Св. Климент Охридски“ – Битола, „Гоце Делчев“ – Штип и Универзитетот во Тетово.
Свечената церемонија се одржа на платото пред црквата „Свети Климент и Пантелејмон“ – Плаошник, во Охрид, со обраќања на д-р Андреј Лепавцов, претседател на Инженерската институција на Македонија, м-р Дејан Метикош, претседател на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, и на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. По доделувањето на прстените, во име на наградените се обрати Стефан Спасов, еден од годинешните добитници на Инженерски прстен.

Претседателката Сиљановска-Давкова, како покровителка на манифестацијата која веќе две децении ги афирмира знаењето и извонредноста во инженерската професија, во своето обраќање ја истакна врската меѓу вреднувањето на најдобрите млади кадри и развојот на државата.
Најдобрите и најуспешните студенти во инженерските науки не персонифицираат само исклучителен индивидуален, личен академски успех, туку се непроценлив социјален капитал на државата. Способноста да ги задржиме најдобрите и да им овозможиме својата иднина да ја градат дома е суштинско прашање, од чиј брз и точен одговор ќе зависат економската конкурентност и долгорочниот развој на македонската држава.
Потсетувајќи дека од пронајдоците на Леонардо да Винчи, преку изумите на Никола Тесла, до денес инженерскиот ум е еден од најсилните цивилизациски двигатели, претседателката оцени дека преку инженерството научната мисла добива апликативна општествена верификација. Според неа, инженерството најбрзо се развива во средини што знаат како да ги почитуваат знаењето и стручноста, па создавањето услови младите инженери својот талент и креативен потенцијал да ги реализираат во татковината е стратегиска цел од која зависат развојот и опстанокот на државата.
Претседателот на Инженерската институција на Македонија, д-р Андреј Лепавцов, ја поврза годинешната церемонија со одбележувањето на 35 години од независноста на државата и им се обрати на добитниците со апел да ја градат својата кариера во земјата.
Искушението да ги однесете вашите огромни таленти во странство е реално, а глобалниот пазар агресивно бара умови како вашите. Но, јас стојам овде денес за да упатам еден клучен апел: останете во земјата. На Македонија сте ѝ потребни.

Вистинската независност не е само политички статус; таа се гради преку економска сила и технолошка самоодржливост, оцени тој, нагласувајќи дека инженерскиот прстен претставува круг на одговорност и потсетник да се создава безбедно и да се иновира етички.
Претседателот на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, м-р Дејан Метикош, во своето обраќање ја нагласи одговорноста што ја носи инженерската професија:
Секој мост што го проектираме, секоја зграда што ја создаваме, секој пат, систем, енергетска или технолошка инфраструктура што ја развиваме – останува зад нас како сведоштво за нашето знаење, професионалност и однос кон општеството.
Метикош истакна дека дипломата не е крај, туку почеток на професионалното учење, во време кога дигитализацијата, вештачката интелигенција, BIM технологиите и новите материјали целосно го менуваат начинот на кој работат инженерите. Порачувајќи им на добитниците прстенот да го гледаат како обврска кон професијата, тој додаде дека младите инженери не смеат да се гледаат само како иднина – „тие се наша сегашност“ – и дека на институциите, коморите и универзитетите им претстои заедничка задача да создадат средина во која најдобрите млади луѓе ќе сакаат да останат и да создаваат во Македонија.
Признанието „Инженерски прстен“ секоја година го доделуваат Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, под покровителство на претседателот на државата, на најдобрите дипломирани инженери од сите државни универзитети во земјата.
OhridNews













