По повод 8 Септември – Денот на независноста, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка до граѓаните, истакнувајќи дека независната држава не е „минато свршено“, туку трајна обврска на секоја генерација да ја чува, гради и доградува.
Пред 35 години го доживеавме нашиот трет Илинден, зората во која вековниот сон за слободна и независна македонска држава конечно стана реалност. Со историскиот референдум од 8 септември 1991 година, ние, македонските граѓани, го заокруживме делото на илинденците и асномците, создавајќи свој национален и заеднички граѓански дом без оглед на етничката и верската припадност, истакнува претседателката.
Според Сиљановска-Давкова, македонската независност почива на три столба – довербата на граѓаните во државата и нејзините институции, меѓусебната доверба меѓу граѓаните и непоколебливата вера во македонската иднина.
Во честитката таа се осврнува на достигнувањата во изминатите три и пол децении, членството во НАТО, развојот на институциите и економијата, стратешките партнерства и европската интеграција, но и на предизвиците со кои се соочува државата.
Како еден од најголемите проблеми го посочува иселувањето на младите.
Со секое заминување се прекинува нишка во нашето ткиво, а секоја празна училишна клупа е молчалив потсетник дека ги губиме оние кои беа и сѐ уште се нашата најголема надеж. Болната вистина не смее да нè парализира, туку мора да нè мобилизира. Државата не е само систем на институции. Луѓето се државата, нагласува Сиљановска-Давкова.
Претседателката посочува дека генерациска одговорност е искоренувањето на криминалот и корупцијата, воспоставувањето бескомпромисно владеење на правото и изградбата на праведно општество на рамноправни граѓани.
Асномскиот завет нѐ учи: „Каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме“. Никој друг нема да ни го уреди домот освен ние самите!, порачува претседателката.
Според неа, на земјата ѝ е потребна проактивна и конструктивна надеж и верба дека со сопствени сили може да се создаде стабилна и напредна европска држава, но пред сè татковина во која младите ќе ја гледаат својата иднина.
Нашата визија е стабилна и напредна европска држава, но пред сè, татковина во која младите нема да пакуваат куфери, туку тука ќе создаваат семејства и ќе градат иднина, истакнува Сиљановска-Давкова.
На крајот, претседателката им го честита празникот на граѓаните, потсетувајќи дека на 8 септември 1991 година тие „храбро и одговорно го исполнија аманетот на илинденците и асномците“ и со огромно мнозинство на референдум се изјаснија за суверена и самостојна држава Македонија.
OhridNews













