Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова денеска во Охрид го пречека претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, кој престојува во работна посета на Македонија.

Особено ми е драго што денеска во Охрид бев домаќинка на мојот драг пријател, претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, кој е во работна посета на земјава. Обајцата изразивме задоволство од воспоставеното пријателство и добрите билатерални односи меѓу двете земји. Се согласивме дека регионалното инфраструктурно поврзување е најдобар начин за продлабочување на соработката меѓу двете земји. Меѓу клучните проекти во оваа област е Коридорот 8 којшто треба да биде еден од приоритетите што ќе овозможат полесна комуникација меѓу земјите во регионот. Со колегата Бегај изразивме надеж дека како соседи може да постигнеме успех во заштита на Охридското Езеро, природата и заедничкото природно богатство. Постои можност овие активности да бидат финансирани преку европски фондови, достапни со заеднички апликации на двете земји, информира Давкова.

Посетата беше искористена и за запознавање на претседателот Бегај со културно-историски знаменитости во градот.

Посетивме неколку уникатни обележја, почнувајќи од Чинарот, продолжувајќи со Алипашината џамија, потоа споменикот на Св. Климент, куќата на Робевци, музејот на хартијата и црквата „Св. Софија” – секој од нив, траен симбол на духовноста, уметноста, традицијата и историјата. Преку културниот дијалог ги зацврстуваме мостовите на зближување, довербата, пријателството, меѓусебното разбирање и соработка, додава Давкова.

OhridNews