Бесплатните паркинг места во централното градско подрачје се намалуваат. Изминатата седмица зоната на паркинг со наплата беше проширена на делови од „Димитар Влахов“ и кај старата автобуска станица, а деновиве паркинг се наплаќа и на улицата „Ванчо Николески“ веднаш до полигонот за мали спортови.

Иако соодветна сигнализација не постои, сепак граѓаните и туристите поради незнаење најчесто се соочуват со блокирање на возилото. Охриѓани реагираат дека со овие пропусти и без соодветен сообраќаен знак, нема да плаќаат паркинг во идниот период.

Потребно е да се реши проблемот со паркинзите, бидејќи како што тече времето на секоја улица си седнува човек со фискална и блокатор за коли. Сакаме да прашаме, дали без соодветен сообраќаен знак потребно е да се плати паркинг местото, или секој граѓанин може да седне и да наплаќа по охридските улици.“ – велат револтирани граѓани.

Охриѓани посочуваат дека туристите се носат во заблуда, а со овој однос се остава лош впечаток кај гостите кои престојуваат на охридската ривиера.

Бев присутен на немил настан каде на турист му ја имаа блокирано колата и дрско се однесуваа кон него. Тој има кажуваше дека нема знаци и дека никој не го информирал за наплатата, а тие му поставиле блокатор на возилото. Исто така, од вчера наутро не можеме да си паркираме пред нашата зграда, бидејќи тие истите си дојдоа со фискални апарати и почнаа да наплаќаат на улицата „Ванчо Николески“.“ – вели охриѓанец, кој инсистираше на анонимност.

Од секторот за сообраќај при општина Охрид, пред десетина дена информираа дека по разрешување на целокупната ситуација околу паркирањето во градот, ќе биде поставена соодветна вертикална и хоризонтална сигнализација.

Со стапување на сила на режимот на сообраќај ќе се обезбедат сообраќајните знаци и бележењето. Се надеваме дека оваа година во соработка со сообраќајната полиција ќе им  излеземе во пресрет на граѓаните.“ – неодамна изјави Томе Змејкоски од Одделението за сообраќај при општина Охрид.

Томислав Тунтев, доктор по сообраќајни науки и акутелен советник, исто така неодамна, истакна дека час поскоро надлежните служби треба да обележат хоризонтална и вертикалан сообраќајна сигнализација.

Сфаќаме дека овој вакум период се создаде заради недостаток на еден заеднички координиран настап, но се надеваме со донесување на одлука за режимот на сообраќај ќе се премине кон обелеужување и регулирање на договорот за закуп на паркинг просторот.“  – изјави Тунтев.

Граѓаните се надеваат дека што поскоро ќе биде поставена соодветната сигнализација и дека ќе се изнајде соодветно решение за цената на паркинг услугата, која според нив би требало да биде прилагодена на платежната моќ како на охриѓани, така и на туристите.

О.Т.