Охридскиот тренер Драган Бочески и кичевскиот прволигаш Напредок се на вистинскиот пат да се замешаат во борбата за титулата во елитата. По шеснаесет одиграни натпревари “плаво белите“ со 29 бодови се третопласирани и од лидерот во првата лига Вардар заостануваат само три бодови.


– На почетокот од сезоната целта ни беше да обезбедиме опстанок. Стартот од подготовките го започнавме со 15 фудбалери, што е премалку да се формира респектабилен тим. Како што одминуваше времето така сите фудбалери кои не засилија веднаш се пронајдоа во мозаикот и изградивме екипа која моментално  не се плаши од никого. Покрај добрите резултати не смееме да се залетуваме и  да не понесе еуфоријата – истакна Драган Бочески.

Заштитен знак на кичевската екипа е доминацијата на домашниот терен. Пред своите гледачи Напредок игра фантастично, во осум натпревари има забележано седум победи, а единствено екипата на Дрита се провлече во Кичево.


– На домашен терен сме неприкосновени. Фудбалерите играат од срце за клубот без разлика каде настапуваме. Полека стануваме екипа која не се предава лесно и на гостински терен, а за домашните средби секогаш одиме на победа без разлика за кој противник се работи – потенцираше Бочески.

Во последните две средби од есенската полусезона во првата македонска фудбалска лига Напредок ќе се сретне со Шкендија на гостински и Металург на домашен терен.

Мх.П.