Кампањата ја замислувам како рамноправен натпревар на идеи, етички натпревар на програми, витешки натпревар на ставови. Јас ќе се држам до тоа, без намера да напаѓам личност, секогаш ќе дискутирам за реалните проблеми. Ќе ги критикувам сите, ќе им се обраќам на граѓаните, индивидуите, а не на партиите. Би сакала со мене и околу мене да бидат неутралните гласачи, оние кои можеби идеолошки припаѓаат на другите партии, но она што се случуваше овие години длабоко ги разочара, порача од Охрид на првиот ден од изборната кампања, претседателскиот кандидат Гордана Силјановска-Давкова.

  • Оној кој ќе докаже дека е човек од и за народот, таквата личност може да посегне по помирување, бидејќи поподелено оппштество во моментов од македонското мислам дека нема, рече Силјановска-Давкова.

Нејзиното лично професионално искуство, знаења од областа на уставното право, децениските искуства од проучуваните проблеми во поделбата на власта, Силјановска-Давкова ги наведува како причини зошто граѓаните на изборите да го заокружат нејзиното име.

Давкова нагласи дека доколку биде избрана ќе почне со редуцирање на привилегиите на претседателот, како инспирација за преиспитување на останатите власти.

Додаде дека како претседател ќе се залага за ставање крај на практиката на, како што рече, „продолжение од претходниот систем на фамилијарна основа, нешто што новинарите го нарекуваат удбашки структури кои постојат”.

Силјановска – Давкова, вечерва, ќе се обрати пред охриѓани на предизборниот митинг во 20 часот на Градскиот плоштад, од каде ВМРО ДПМНЕ традиционално ја започнува изборната кампања.

OhridNews