Кандидатот за претседател поддржан од ВМРО ДПМНЕ, професорката Гордана Силјановска Давкова, во рамки на предизборната кампања попладнево престојуваше во Охрид каде оствари средби со граѓани. Во друштво на кандидатот за градоначалник на Охрид д-р Митре Милошевски, потпретседателот на партијата Александар Николоски, членот на ИК на ВМРО ДПМНЕ Кирил Пецаков и други партиски членови, Силјановска Давкова прошетката низ градот ја започна од црквата Св. Богородица Каменско. Таа истакна дека убавината на еден од највредните духовни храмови кај нас, е загрозена од непочитувањето на прописите за заштита и принципите на УНЕСКО.

Се е заштитено, Охрид е под заштита на УНЕСКО, но некако прекрасните икони и фрески не одат со дивоградбата подолу и мислам дека тоа е опомена дека нешто под итно треба да се стори во Охрид. Тоа што го имаме да го почитуваме, зошто ако не го почитуваме ние пораката е дека не знаме што е духовно наследство и богатство и дека оставаме кој што сака да прави на неколку чекори од овде. Охрид не се само црквите, Охрид е и градот и се што се гради и доградува, а сето тоа мора да биде во хармонија со изграденото. Се надевам дека граѓаните ќе знаат како да се однесуваат кон оние кои имаат респект кон духовното наследство и оние кои ниту го почитуваат ниту го штитат. – рече Силјановска Давкова.

Оценувајќи го досегашниот тек на кампањата, Силјановска Давкова истакна дека таа не секогаш била според правото и етиката, на што се обврзаа учесниците, истакнувајќи дека без владеење на правото нема демократија, а без неа не може да се биде дел од ЕУ. Смета дека таа како жена витешки се однесувала во кампањате, а доколку ја добие довербата во работата ќе се раководи според принципот на владеење на правото и ќе се залага за демократизација на државата. Верува дека најголемиот број граѓани на овие избори ќе гласаат по сопствен избор, а не по партиски диктат.

Среќна сум кога на социјалните мрежи и во изјави препознавам граѓани, вистински граѓани свесни за тоа дека избирачкото право е нивно право, дека никој не им го дава, партиите најмалку, дека никој не може да им го нареди или одземе и дека тоа е можеби најдобриот лек за крајот на егзодусот, бидејќи тие бегаат зошто не препознаваат живот овде, ама и не им е овозможен животот. Но, ако најдобрите се најдат на највисоките позиции има живот за Македонија. – изјави Силјановска Давкова.

Силјановска Давкова истана дека прави се’ за да успее цензусот на изборите, но и оти има разбирање за дилемите на граѓаните кои со право имаат сомнеж и страв поради што не сакаат да излезат било каде мислејќи дека со тоа ја легитимираат промената на името.

Јас мислам дека се што е сторено може да се делигитимира само институционално во процедура, внатре, не на улица, не низ дискусии. Очекувам со учеството на претседателските избори граѓаните да ја бојкотираат власта бидејќи делигитимирањето е бојкотирање на се што е направено, а со предвремените парламентарни избори да започне една нова фаза на градење на европска Република Македонија врз основа на европските стандарди, за да оставиме и ние нешто зад нас како што оставиле овде оние пред нас, за оние кои доаѓаат после нас, а тоа е минимум демократски стандарди кои ќе важат за сите да не стрепиме пред избори кој ќе победи и дали ќе победи, зошто државата треба сама од себе да функционира ако е заснована на принципот на владеење на правото, тоа е мојот сон. – истакна Силјановска Давкова.

OhridNews