Силјан Штркот од Ношпал, Битолско, летово не полета со јатото во јужните краишта, остана во ова пелагониско село, а денеска со возило е донесен во Охрид каде ќе ја презими зимата. Оваа интересна, вистинита сторија, ја пренесе телевизија Телма. Мајка му го отфрлила од гнездото, но го спасиле жителите. Го сместиле во напуштен објект на сред село, го негувале, го хранеле, се грижеле за него. Му дале име Силјан по штркот од познатата македонска приказна. Се припитомил и станал миленик на цело село. Секое утро возрасните ги испраќа на работа, а децата на училиште. Не се дружел со другите штркови. Иако научил да лета, сепак во август кога имал 4 месеци, не заминал на југ.
– Сите луѓе од селото се загрижија за него, сите го одгледувавме, сите дававме пари за храна. Летоска фаќавме риби во Црна, го храневме и него. И така остана во селото, изјави жител на Ношпал.
– Децата го прифатија, го хранеа, а потоа штркот остана со луѓето, а не со штрковите. Питом е и се движи низ луѓето како домашно милениче, не испраќа и пречекува од работа, рече друг жител.
– Си оди по куќите, си влегува внатре, рече жител на Ношпал.
Активисти од Здружението за заштита на животните „Мали Херои“ од Битола денеска организираа транспорт на штркот Силјан до Охрид.
– Штркот ќе го однесеме во Охрид кај семејство кое ќе се грижи за него до следното лето, до неговото заминување на југ, изјави Благој Крстанов, од Здружението за заштита на животните „Мали Херои“.
Во Охрид штркот го прифати волонтер од здружението за заштита на животни „Анималија“. Тој соодветно е згрижен, бидејќи ноќите се студени, а штрковите се птици преселници кои во овој период од годината презимуваат во јужните краишта.
Од „Анималија“ изразуваат надеж дека припитомениот штрк добро ќе се адаптира на локалната клима, а охриѓани топло ќе го прифатат новиот необичен жител, кој со месеци беше миленик на мештаните од битолското село Ношпал.
OhridNews
Тв Телма