Власта избра политика на контролирани конфликти во кој лугето се поделија на „ваши“ и „наши“, политика која гради минато, а не иднина. Културата и етничките разлики станаа инструмент за политичка борба. Го зголемија јазот меѓу различните етнички заедници, ја зајакнаа нетрпеливоста меѓу верниците. Власта не стимулира толеранција и доверба, туку раздор и поделено општество, рече на денешната прес конференција кандидатот за пратеник од СДСМ, Мишел Силјаноски.

– Причината е едноставна: власта профитира од тие поделби. Моделот што го промовираат е во интерес на една мала група во врхушката која работи спротивно на интересите на државата и нејзините граѓани. Од една страна внатре во државата вештачки креираат нетрпеливост помеѓу луѓето врз база на религија или етничка припадност. Од друга страна, во надворешната политика, се толку невешти што создаваат проблеми со соседите и таму каде што ги нема. Благодарение на ваквата безидејност и некадарност во водењето на надворешната политика, пропадна и обидот за организација на самит во нашиот град. Но, што да се очекува повеќе од актуелните претставници на власта во државава кога наместо да пропагираат соживот, толеранција и взаемно почитување, тие на сопствените граѓани преку социјалните мрежи ги исмеаваат и укоруваат дури и ако заминат на одмор во некоја од соседните држави, додаде Силјаноски.

Тој потенцира дека основна заедничка цел на СДСМ е да се изгради толерантно општество, без омрази и предрасуди, тепачки по училишта, поделби и дискриминации.

– Во изминативе неколку години се изнаслушавме прилично доста контрадикторни изјави од страна на актуелните владини преставници. Најпрво кажуваа дека одредени крупни капитални инфраструктурни проекти не ни се неопходни односно за истите не е исплатливо да се изведат, за потоа и лично да си ги прибираат заслугите за нивна евентуална изградба, рече Силјаноски.

Како што потенцира Силјаноски, политичарот во 21 век мора да биде високо профилирана личност, со високи човечки, етички и морални квалитети и вредности, вистински и прав слуга на народот. Општествениот напредок и прогрес можат да го прават само вистински луѓе со соодветен личен кредибилитет, углед и афторитет.

OhridNews