Стружани бараат итна санација и дислокација на дивата депонија кој се наоѓа во близина на градот. Тие попладнево излегоа на мирен протест и уште еднаш го изразија револтот од односот на институциите кон овој долгогодишен проблем. Состојбата дополнително се влоши со неодамнешното палење на депонијата која опасно ја загадува животната средина и предизвикува тешки заболувања кај населението, реагираат стружани.

-Канцерот се активира од присуство на токсини, ако депонијата не е тоа, не знам што е? – запраша помлада жителка на Струга.

-На секои два три месеци се пали депонијата и воздухот е загаден. – изјави жител на Струга од албанската етничка заедница.

-Тука сме не само заради нас, туку и за нашите деца и внуци. – истакнаа две повозрасни госпоѓи.

Учесниците на протестот побараа владата да одржи итна седница на која ќе се расправа за решавање на проблемот со дивата депонија, а дотогаш да се изнајде начин таа да се изгасне и да се спречи нејзино натамошно опожарување.

-Владата со експерти и претставници на Министерството за животна средина, инспекторатот, да формира работно тело кое врз основа на анализи ќе предложи локација каде во иднина безбедно ќе се депонира отпадот од општина Струга. – изјави Глигорије Ќатоски од иницијативниот одбор. 

Доколку изостане брза реакција од властите, стружани најавија дека ќе го радикализираат протестот со блокада на регионалните и магистралните патишта.

Г.М.