Од основното училиште „Христо Узунов“ најавуваат реализирање на низа проекти за подобрување на квалитетот на наставата во оваа образовна институција.

Како приоритет , од страна на ВД директорот Тони Симоноски се наведува, неопходноста од заменување на азбестните табли од кровната конструкција, поради укажувањата на Светската здравствена организација дека азбестот е канцероген материјал и претставува опасност по здравјето на луѓето.

Покрај останатите проекти кои се веќе изработени и со кои аплициравме до локалната самоуправа и странските амбасади, е и проектот за замена на кровот на училишната зграда, кој како и кај голем број други објекти во земјава пред неколку децениии , поради ниската цена на материјалот, се изградил од азбестни табли.Поради предупредувањата за штетноста на азбестот, наша намера е во најскоро време да се изврши негова реконструкција,како и обновување на веќе дотраената дограма,  вели Симоноски.

За реализација на овие два проекти се очекува поддршка од локалната самоуправа од каде информираат дека за таа цел ќе бидат искористени средства од кредитната линија на Светска банка наменети за развој на образованието и инфраструктурна поддршка на основните и средни училишта.Оттаму, потенцираат дека средствата од кредитната линија се наменски и можат да се користат исклучиво врз претходно доставен изработен проект.

Од ОУ „Христо Узунов“, меѓу позначајните проекти кои ќе се реализираат во наредниот период го  најавуваат и покривањето на спортскиот центар во рамки на училиштето, со цел на овој простор да може да се организираат спортски игри преку целата година. 

Т.К.