Бројот на луѓе кои одбиваат да се попишат е исклучително мал и незначителен, и покрај негативната кампања која ја имаше и ја има цело време насочена кон тоа да се попречи спроведувањето на пописот, истакна директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски.

Граѓаните не наседнуваат на оваа пропаганда и самите податоци го кажуваат тоа, нема потреба да бараме било какви други начини да кажеме дека граѓаните навистина активно се вклучуваат. Самите податоци за попишани лица мислам дека кажуваат сè, посочи Симовски.

Тој наведе дека и таму каде што има првично одбивање се оди повторно и се разговара со тие лица.

Оди нашиот државен инструктор, оди пописната комисија уште еднаш и разговара со лицата и до сега праксата покажува дека луѓето ја сфаќаат важноста и релевантноста на процесот и на крајот се попишуваат. Не применуваме никакви санкции сè уште и се надеваме дека тоа нема да се случи до крајот на попишувањето, односно ќе успееме овие луѓе да ги убедиме дека онаа пропаганда којашто е насочена против спроведувањето на пописот во суштина е систем на дезинформации“, нагласи Симовски.

Во однос на попишувањето на домаќинствата, директорот Симовски истакна дека не може да очекува дека секогаш сите членови ќе бидат дома, меѓутоа попишување без документ не може да има, односно клучот за некое лице да биде попишано е матичниот број.

Тој посочи дека без документ никој не може да биде попишан, а таму каде што недостасува некој член од домаќинството, се договара терминот кога лицето ќе биде присутно.

 

OhridNews