Од утринава, кога почна најголемата статистичка операција во земјава, нема информации за одбивање за попишување од страна на граѓаните или за каков било технички проблем, изјави директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски по попишувањето на едно домаќинство во Ѓорче Петров.
Ги повика граѓаните да соработуваат за да се добијат релевантни податоци и да не подлегнуваат на иницијативите кои повикуваат да не им се отвара врата на попишувачите. Повтори дека попишувањето е безбедно во однос на ширењето на вирусот и нагласи дека попишувачите имаат соодветни легитимации со кои мора да се излегитимираат.
Посакувам оваа операција да ја завршиме успешно во интерес на сите. Да се приберат доволен фонд на информации за сите граѓани, за станбениот фонд и сите податоци што се важни за државата. Пописот не служи на ниту една политичка партија, ниту на поединци, служи на оние кои треба да го градат развојот на државата, изјави Симовски.
Со бојкотирањето на пописот, како што рече, граѓаните прават штета на самите себеси.Ова се податоци за вас и за вашите идни поколенија. Следните 10 години кој било да е во државата треба да гради политики за развој врз основа на овие податоци, порача Симовски.
Доколку некое домаќинство побара да биде попишано на мајчиниот јазик, кај него ќе биде испратен таков попишувач. Во принцип, во еден пописен круг треба да бидат опфатени од 100 до 120 домаќинства. Додаде дека по еден попишувач ќе влегува во домаќинствата и дека секој има официјална легитимација. Ако попишувачот нема легитимација, граѓаните да не го пуштаат дома, апелираше Симовски.
Да не пуштаат ниту еден човек дома да спроведува попишување ако ја нема легитимацијата. Ова го правиме намерно, свесни сме каква антикампања имаме. Можно е секогаш да има некој кој ќе се обиде да го злоупотреби овој процес, нагласи Симовски.
Околу антикампањата, тој потенцираше дека не сакаат да помислат дека пописот ќе пропадне. Секој кој се обидува на било кој начин и од било која причина да пропадне овој процес, не им мисли добро на своите граѓани, рече Симовски.
OhridNews