Вчера во Охрид почна „Симулациска вежба за размена на информации во реално време“ за регионот на Западен Балкан, организирана со заедничка координација и поддршка на Министерството за внатрешни работи и на Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Воведно обраќање на вежбата имаше помошник директорот на Одделот за униформирана полиција во Бирото за јавна безбедност Шефик Бајрами, кој потенцира дека Министерството за внатрешни работи во рамки на своите надлежности, остварува полициска соработка со службите за спроведување на законот на земјите од Западен Балкан и пошироко, преку сите меѓународни и регионални канали на полициска соработка.

Секторот за меѓународна полициска соработка при Министерството за внатрешни работи учествува во координирање и спроведување на активностите со странските криминалистички полициски служби и меѓународните организации, во борбата против организираниот криминал, тероризмот и другите видови сериозен криминал. Преку своите активности, Секторот за меѓународна полициска соработка учествува во размена на оперативни информации и сите расположливи информации обезбедени преку учество во проекти, операции, работни групи, билатерална размена на информации, достапни меѓународни бази на податоци, ги споделува со надлежните оперативни организациони единици во МВР и други органи надлежни за спроведување на законот во Република Северна Македонија, со што се зајакнува борбата против криминалот. Исто така, се разменуваат и информации добиени од националните единици со странските надлежни институции“, рече Бајрами.

Гарантирањето на безбедноста и сигурноста на нашите граѓани, рече Бајрами, отсекогаш била и ќе остане приоритет за сите нас.

Извештајот за начинот на размена на информации во реално време кој ќе биде подготвен од страна на претставниците на проектот за борба против сериозен криминал ИПА2019 ќе претставува еден вид Патоказ за патот напред, ќе ги идентификува добрите пракси и ќе ги посочи областите каде што е потребно подобрување“, рече Бајрами.

OhridNews