Синдикалците на СОНК при ОУ”Ванчо Николески” и вработени во училиштето, викендов беа во посета на градовите Поградец и Корча во соседна Албанија.


За време на посетата  иницирана од  синдикалниот лидер, проф. Димче Донески, охридските просветари и синдикалци оствариле средба со  потпретседателот на Македонска Алијанса и заменик градоначалник на македонската општина Пустец во Мала Преспа Васил Стерјоски, како и од  директорот на средното македонско училиште од Пустец, Мишко Апостолоски.


Средбата која претходно уредно била најавена во  албанското министерство за образование,  се одржала во училиштето “Исмаил Ќемали” во Корча,  каде  срдечните домаќини ја презентирале личната карта на училиштето и низ едночасовен разглед се запознале  со своите колеги од Лескоец.


Во знак на благодарност, охридската синдикална делегација на домаќините им  врачи повеќе едукативни синдикални, просветарски и туристички подароци кои ги илустрираат училиштето „Ванчо Николески“,  Охрид и Македонија.


Гостите од Охрид ги разгледале  културно – историски споменици во градот по што заедно со домаќините се упатиле на излет во селото Бобоштица, недалеку од Корча, каде поодамна живеело бројно македонско население  од кое  денес останати се само пет-шест семејства. Повеќе часовното дружење завршило со специјално подготвена торта од слаткарницата „Гордана“ декорирана како книга со познтата мисла на Гоце Делчев: „Јас го разбирам светот единствено како поле за  културен натпревар меѓу народите“.


Охридските синдикалци на пат кон дома го посетија и крајезерскиот град Поградец.

OhridNews