Членовите на СОНК при ОУ “Ванчо Николески” – Лескоец, во рамките на својата рекреативна програма неодамна остварија уште една посета на Албанија. Овојпат тие беа во Тирана и Драч на еднодневна прошетка, каде посетија повеќе културно-историски споменици и јавни установи, и атракции на брегот на албанскиот дел од Јадранското Море.
Целта на посетата е синдикалното дружење и сплотеност, како и желбата да се запознат повеќе земји, народи и култури, но и нивниот начин на справување со синдикалните проблеми, вели проф. Димче Донески претседател на СОНК при ОУ „Ванчо Николески“ и организатор на екскурзијата.
-Со еден ваков научно-рекреативен карактер беше и оваа еднодневна екскурзија на синдикалците – наставници и други вработени од училиштето – од која задоволни се вратија сите – без исклучок, кои беа дел од патувањето. Секако, заедничкото дружење е цел сама по себе, но исто така тоа придонесува за поголема синдикална сплотеност и цврстина во борбата за остварување на синдикалните права. Заедничката прошетка и дружење, несомнено претставуваат релаксирање и опуштање после напорната работа во текот на учебната година, особено оваа година кога беше пренапорно да се биде наставник- административец во комуникацијата со електронскиот дневник, а истовремено подложен и на фамозното екстерно оценување.-истакна проф. Донески.
Вакви прошеткиво околните градови и држави се веќе реализирани и во изминативе две години, а следната посета и прошетка е закажана за крајот на месец август кога во соработка со колегите синдикалци- наставници од Лесковац, професорите од ОУ „Ванчо Николески“ ќе ја посетат Србија и градот Лесковац, односно тамошните училишта со кои се подготвува меѓусебно збратимување, информираат од СОНК при ОУ „Ванчо Николески“.