Во пожар кој избил во текот на ноќта целосно изгоре Центарот за култура во село Лешани.

Како што информираат од охридската Противпожарна единица, пожарот бил пријавен во 3 часот и 45 минути, но кога нивните екипи пристигнале на терен, поради силата на пламените јазици немало што да се спаси од објектот, освен да се изгасни пожарот.

– Се претпоставува дека пожарот избил многу порано, но додека бил забележан, тој имал зафатено голема површина од објектот. Кога нашите три возила пристигнале на терен покривот од објектот веќе бил паднат. За среќа од огнот не бил зафатен и објектот во кој е сместена селската амбуланта, а кој се наоѓа ведна до Центарот за култура, изјави за OhridNews, командирот на Противпожарната единица, Спасе Прентоски.

Според првичните информации, предизвикана е голема материјална штета чија вредност  дополнително ќе се утврдува.

OhridNews