Дел од социјално-загрозените семејства од Охрид, се соочуваат со големи проблеми кога треба да обезбедат достоен погреб на најблиските кои им починале. Цените на гробните парцели на охридските градски гробишта се прескапи за нив, па често пати се доведени во непријатна состојба да бараат финансиска помош или заем од роднини и пријатели, за соодветно да ги испочитуваат сите верски обреди.
Цените на гробните места во православните гробишта се движат од 500 до 1100 евра во зависност од локацијата, додека пак во муслиманските гробишта се плаќа по 150 евра за парцела. Охриѓани велат дека цените се скапи дури и за семејствата кои имаат солиден стандард, но се навистина недостижни за сиромашните.
-Се задолжуваат, молат, замислете каква трегедија е тоа, да немаш пари за да го погребаш најблискиот. Тоа е навистина непријатно, но за жал често пати сме слушале за такви случаи во нашиот град, коментираат охриѓани. Тие им предлагаат на надлежните да воведат пониски давачки за овие семејства.
Од Јавното Претпријатие ,,Управување со градски гробишта” Охрид потврдуваат дека овој проблем е се поприсутен помеѓу жителите во охридскиот регион, па затоа најавуваат дека во најскоро време планираат да воведат социјални пакети за погребални услуги.
-Поради лошата економска и социјална состојба, која моментално ја има во државата, нормално дека истата се отсликува и во Охрид, така што дел од социјално-загрозените семејства се соочуваат со проблем да обезбедат средстава, кои треба да ги платат за гробно место. Поради тоа деновиве имавме состанок со управниот одбор на претпријатието, на која донесовме иницијатива за формирање на посебни пакети за гробни услуги за социјални случаи, не информираше во телефонскиот разговор Драган Пандески, директор на ЈП “Управување со градски гробишта”.
Тој се надева дека доколку оваа иницијатива помине на Советот на Општина Охрид, ќе значи многу за лицата кои имаат егзистенционални проблеми.
Инаку според последната одлука кој неодамна ја донесоа охридските советници, сметките за одржување на гробните места, кои во за 2012 година изнесуваат 1200 денари, во иднина ќе бидат со цена од 720 денари годишно.











