Општина Охрид да ја продолжи постапката за регулирање на движењето на моторни возила во стариот дел на градот; Системот за електронско евидентирање на движењето на возилата да отпочне со функционирање од 15.07.2019 година (понеделник), се дел од заклучоците на вчера одржаната трибина за режимот на сообраќај во урбаната заедница Стар град и начинот на функционирање на системот за влез и излез на моторни возила.
На јавната расправа беа донесени и следните заклучоци:
- На рампите задолжително да има присуство на овластени лица;
- На возилата кои имаат картички да се постават и налепници за означување на возилата;
- Да се изработат флаери и достават до корисниците за информирање на граѓаните за начинот на работа на системот за електронско евидентирање;
- Да се продолжи со издавање на картичките по строго дефиниран Правилник и истите да ги издава комисија формирана од страна на градоначалникот, со претходна согласност од Советот на урбаната заедница и за цела постапка да биде запознаен лично градоначалникот ;
- Секој ден во временскиот период од 19.00 часот до 05.00 часот на улиците „Цар Самоил” и „Коста Абраш” да има забрана за сообраќај и во овој период целиот сообраќај ќе се одвива преку „Горна Порта” и исклучниот пат за црква „Каменско”.
На трибината учествуваа Градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески, жителите на оваа урбана заедница, претставници на Советот на урбаната заедница, како и претставници на општинската комисија за одобрување на картички.
Ова е втора трибина од ваков вид, која ја организира Општина Охрид, со цел да се разменат мислења за режимот на сообраќај во стариот дел на градот и начинот на негово регулирање.












