Советувалиштата за откажување од пушење, лоцирани во центрите за јавно здравје во Република Македонија од денеска се отворени за сите заинтересирани граѓани кои можат да се пријават на едукативни предавања во центрите. Исто така во  претстојниот период предвидени се и советувања за откажување од пушење кај адолесцентите.

Во секој Центар за јавно здравје работи стручен и обучен кадар од доктор-специјалист, медицинска сестра и здравствени соработници кои одржуваат едукативни предавања, со фокус на презентирање на штетните ефекти од пушењето врз здравјето на пушачите, како и на штетните влијанија од тутунскиот чад за околината. Исто така, во рамки на предавањата се презентираат и различните можности за одвикнување од пушењето, со посочување на одредени супститути на никотинот, како и укажување на симптомите на апстиненцијалната криза.

Советувалиштата за откажување од пушење почнаа да функционираат во јуни годинава и првично беа опфатени здравствените работници кои се пушачи, со цел понатаму да можат да придонесат кон одвикнување од пушење кај нивните пациенти.

Имено, студиите на оваа тема спроведени во земјава, покажаа дека речиси 80 отсто од лекарите сметаат дека пациентите полесно ќе се одвикнат од пушење доколку ги советуваат лекарите, имајќи го предвид нивниот кредибилитет, а воедно и поддршката која може да им ја пружат во соочувањето со предизвикот со кој и тие самите се соочиле.

OhridNews