Изборниот процес во општина Охрид почна во законски утврдениот термин. Во 7 часот отворени се сите 88 избирачки места, а гласањето до овој момент се одвива без проблеми, информираат од Општинската изборна комисија.
-Сите 88 изборни места се навреме отворени, изборниот процес тече во најдобар ред. Во општина Охрид во избирачкиот список се запишани вкупно 51.157 избирачи, од тоа во Единствениот избирачки список 45.066, а во посебниот за странци 6.091 избирач.-изјави Марика Костадиноска – претседател на ОИК Охрид.
Костадиноска истакна дека вчера своето право на глас во општина Охрид го искорисле 134 болни и немоќни лица, како и затворените и лицата во притвор.
Според информациите од избирачките одбори, одзивот на гласачите утрово во Охрид е нешто над 5 проценти, а поголема излезност се очекува во попладневните часови.
-На гласачкото место 1252, средно економско училиште, по избирачкиот список право глас треба да остварат 843 лица. До овој момент гласале околу 60 лица или околу 6 проценти. Гласачкото место е отворено во точно во 7 часот не се забележани никакви неправилности, гласањето тече во најдобар ред.-рече Пател Ахмет – член на Избирачки одбор.
Навреме се отворени сите гласачки места и во општина Дебарца каде своето право на глас можат да го искористат 3858 граѓани.
Г.М.