Иницијативниот одбор за собирање средства за лекување на 15 годишната Сара Настеска од Охрид на која итно и е потребна трансплантација на коскена срж за да ја победи тешката болест, упати јавен апел до организаторите на сите хуманитарни настани, најитно да ги предадат собраните средствата, заради точен увид во состојбата. Тоа е неопходно Сара да може час поскоро да замине на лекување во Германија, за што се потребни 200.000 евра.

Почитувани!

Изминативе денови сите живееме за Сара. Покажавме дека хуманоста не познава граници, нации, верска припадност… Донираа нашите сограѓани како и хумани луѓе од целата наша земаја, од Европа, Америка, Австралија….

Од името на Иницијативниот одбор чувствуваме потреба да изразиме ГОЛЕМА БЛАГОДАРНОСТ ДО СИТЕ ХУМАНИ ЛУЃЕ кои не поддржаа и не поддржуваат. Воедно сакаме да ја информираме јавноста дека се’ уште немаме точен увид во средствата кои до сега се прибрани за лекувањето на Сара.

Заради што поскоро заминување на Сара во Германија, ги замолуваме сите организатори на хуманитарни настани собраните средства да ги уплатат на познатите жиро сметки. Исто така претпријатијата каде што се поставени кутии за донации, истите да ги однесат во Општинската организација на Црвен крст Охрид или средствата да ги уплатат на познатите сметки.

Вашиот и наш успех е голем. Поголемиот дел од средствата се собрани, но не доволно за да може нашата Сара веднаш да замине на лекување.

Иницијативен одбор за собирање средства за лекување на Сара.

Инаку, денеска во советот на општина Охрид не помина предлогот на дневен ред да биде ставена точката за донација на 1 милион денари од општинската каса за помош на Сара, поради, како што  беше кажано од стручните служби, законски пречки, бидејќи државниот трезор не одобрува такви трансакции од локалните самоуправи, што беше прифатено од советниците од власта и од опозицијата. Тоа предизвика лавина реакции во јавноста која бара советот и општината да изнајдат начин од градската каса да бидат издвоени средства за помош на Сара Настеска.

OhridNews