„Сите за Кочани – трчаме заедно“ е слоганот под кој на 25 мај ќе се организираат хуманитарни трки во седум градови во земјава со кои Делегацијата на Европската Унија и мрежата на Јуроп хаус ќе го одбележат „Денот на Европа“.

На 25 мај, истовремено во 7 града – Скопје, Струмица, Крива Паланка, Битола, Велес, Струга и Тетово, ќе трчаме заедно со една единствена цел: да му подадеме рака на Кочани, велат организаторите.

Посочуваат дека граѓаните имаат можност да ја покажат хуманост донирајќи на Црвениот крст, каде што сите приходи ќе бидат наменети за поддршка на жртвите од Кочани.

Без разлика дали сте рекреативци, спортисти или професионални тркачи, млади или стари ‒ ова е вашата можност да трчаме заедно, да покажете солидарност и да ги поддржите оние на кои им е потребна помош, додаваат.

Во Струга стартот е закажан во 10 часот, а должината на патеката е 5 км и истата почнува од Чаршиски мост, каде е предвиден и крајот.

Регистрациите се отворени до 20 мај.

OhridNews