Повеќе од 51 отсто од четиригодишната изборна програма на Општина Дебрца е реализирана или е во напредна фаза на реализација, истакна градоначалникот Златко Сиљаноски презентирајќи го отчетот за првата година од мандатот.

Како значајна инвестиција за локалната економија, Сиљаноски ја посочи изградбата на фабрика за производство на еластични огради во Мешеишта, инвестиција вредна шест милиони евра која, како што наведе, ќе отвори нови работни места.

За првпат во Дебрца, во село Мешеишта, во фаза на изградба е нова капитална инвестиција вредна неверојатни 6 милиони евра. Се гради фабрика за производство на еластични огради, која ќе донесе нови работни места. Со ова докажуваме дека Дебрца станува сигурен партнер за сериозни инвеститори!

Во отчетот обајвен на неговиот фесјбук-профил, тој посочи бројни инфраструктурни проекти во населените места во Дебрца, меѓу кои реконструкција и асфалтирање на улици и локални патишта, изградба и реконструкција на водоводна и канализациска мрежа, како и проекти за водоснабдување и наводнување.

Сиљаноски информираше и за инвестиции во комуналната инфраструктура и опрема на ЈКП „Дебрца“, меѓу кои нови комунални возила и механизација, како и за расчистување на диви депонии и други активности за заштита на животната средина.

Во социјалната сфера тој ги посочи општинските субвенции за полагање возачки испит за младите до 21 година, финансиска поддршка за локалните продавници и мерки за поддршка на семејствата и наталитетот.

Инвестираме директно во младите – секој жител до 21 година добива 20.000 денари субвенција за полагање возачки испит. За да ја заживееме економијата, секоја локална продавница ја поддржуваме со 10.000 денари субвенција секој месец. Силно го поддржуваме наталитетот – доделуваме 100.000 денари за трето дете, по 6.000 денари за прво, второ дете и секое новороденче, и по 30.000 денари поддршка за младите брачни парови. Обезбедивме помош до 30.000 денари за семејства погодени од елементарни непогоди, парична помош за лекување и социјални пакети. А за мобилноста да не биде луксуз, пред две недели го воведовме ветувањето за бесплатен јавен превоз за сите граѓани секоја недела.

За учениците обезбедени бесплатни училишни униформи, поддршка за првачињата, бесплатен превоз, стипендии и награди…

За првпат во историјата на општината, обезбедивме бесплатни училишни униформи за сите 178 ученици – со по 4 маици, 2 блузони и 2 дуксери. Секое прваче доби 10.000 денари поддршка и целосно опремен ранец. Општината го покрива бесплатниот превоз, а сега обезбедивме и стипендии, награди за најуспешните ученици, бесплатни екскурзии и превоз за натпревари.

Сиљаноски посочи и дека според Центарот за економски анализи, Дебрца бележи напредок од 25 отсто и се наоѓа меѓу петте општини со најголем напредок во даночната транспарентност во земјата.

OhridNews