Како македонски мисионери имаме семакедонска, национална и човечка должност да го чуваме, негуваме, сакаме, развиваме, проучуваме, промовираме, обновуваме македонскиот јазик, оти без нас не ќе живее, ниту ние ќе бидеме Македонци без него. Ние сме оние што во него се препознаваме, со него се идентификуваме, по него се разликуваме од другите, вели во пораката претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по повод Денот на македонскиот стандарден јазик и 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик.

Нам, македонскиот јазик ни е духовна храна, важна и потребна колку и мајчиното млеко, тој ни е идентитетско сонце, татковина од искона. Македонскиот јазик е река што извира од европски извор и се влева во морето на европската и во океанот на светската цивилизација. Јазичната еволуција се одвива од глаголицата, преку старословенската кирилица, кон современата македонска кирилична азбука. Со и низ развојните фази на македонскиот народен јазик низ вековите растеше идејата за македонски литературен јазик и македонска самобитност, а расцвета со аргументираната научна кодификација на великанот Крсте Мисирков во делото „За македонцките работи“, посочува Сиљановска-Давкова.

Македонскиот стандарден јазик, потенцира, не е само важен елемент на историјата на самостојна, суверена и независна Македонија, туку и темел и потпора на македонскиот идентитет.

Тој е основното идентитетско обележје на сите Македонци коишто живеат на територијата на македонската држава и говорат македонски, но и на Македонците во соседните држави и Македонците насекаде во светот. Македонскиот јазик е семакедонска куќа и семакедонски дом на писменоста, прогресот, уката и науката, уметноста и културата. Заштитата на македонскиот јазик е наша висока должност и завет, или како што вели Мисирков: „Милоста кон народниот јазик е наш долг и наше право. Ние сме должни да го милуваме нашиот јазик, зашто тој е наш, исто така, како што ни е наша татковината ни“, додава.

Денеска, истакнува Сиљановска-Давкова, на овој голем македонски ден, Ден на македонскиот стандарден јазик, 5 мај 2025 година, свечено и достојно го чествуваме големиот јубилеј „80 години од кодификацијата на македонскиот јазик“, но и не смееме да ги заборавиме настаните што му претходеле, оти македонскиот јазик е многу постар од стандардниот македонски јазик.

Да споменам дека годинава се навршуваат 150 години од објавувањето на Речникот на три јазика (тријазичникот), 145 години од „Слогница Речовска“, односно првата публикувана граматика на македонски јазик на Ѓорѓија Пулевски, 135 години од одбраната на првата докторска дисертација за македонскиот јазик на Дерптскиот универзитет во Естонија од Леонард Готхилф Мазинг, како и 100 години од печатењето во Атина на „Абецедарот“, на барање на Лигата на народите, претходничката на ООН!. Честит 5 Мај, Денот на стандардниот македонски јазик!, вели во пораката претседателката Гордана Сиљановска-Давкова .

OhridNews