Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на тркалезната маса насловена како: „Дали ни е потребен Закон за Уставниот суд?“, организирана од Уставниот суд и ЕУ.

Наодите од анализата за тоа дали има или не потреба од донесување Закон за Уставен суд беа презентирани од проектниот тим, составен од Карстен Манке, раководител и Мартин Сопранов и Маргарита Цаца Николовска, правни експерти. Проектот е финансиран од Европската Унија.
Свои ставови презентираа судијките Татјана Васиќ-Бозаџиева и Ана Павлова Данева, како и универзитетските професори по уставно право: Рената Десковска- Тренеска, Тања Каракамишева-Јовановска, Јетон Шасивари и Денис Прешова.
Присутните го слушнаа и мислењето на невладиниот сектор, односно на претставниците на „Сите за правично судење” и „Млади правници”.
Според претседателката, прашањето: „Дали е потребна реформа на македонското уставното судство?“ е вистинското прашање. Истакнувајќи дека Уставниот суд е најнереформираната институција, со оглед на неколкуте неуспешни обиди за уставни измени, претседателката укажа на неодржливоста на сегашното правно решение и упати на препораките на Венецијанската комисија за донесување Закон за Уставниот суд. Таа констатираше дека нашиот Уставен суд не успеа да прерасне во четврта власт, коректор на односите меѓу трите власти и заштитник на слободите и правата на граѓаните.
Сиљановска-Давкова укажа на важната улога во градењето уставна демократија на уставните судови на Германија, Франција, Шпанија, Португалија, Словенија и на Хрватска.

Претседателката се вклучи во бурната дебата што следеше, застапувајќи и бранејќи го ставот за нужноста од уставни промени заради создавање уставен основ за донесување Закон за Уставен суд по примерот на најголемиот број развиени демократии, како и во духот на препораките на Венецијанската комисија и научната мисла.
OhridNews











