Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова им го честиташе 22 Ноември – Денот на албанската азбука на граѓаните Албанци, со порака дека заедничка должност е да се гради општество во кое различностите се почитуваат како трајни вредности.

Во честитката, Сиљановска-Давкова го посочи Битолскиот конгрес од 1908 година како пресвртница во развојот на албанската нација. Стандардизацијата на азбуката, нагласи таа, отворила нова фаза во развојот на образованието и културата на албански јазик.

Претседателката истакна дека јазикот е основен белег на националниот идентитет и средство за зачувување на колективната меморија и духовното наследство.

Дозволете ми како претседателка на државата, да изразам став дека наша заедничка должност е да градиме општество во кое единството нема да ги негира, туку ќе ги респектира различностите, третирајќи ги како трајни општествени вредности, порача Сиљановска-Давкова.

Сиљановска-Давкова посака празникот да биде поттик за нови образовни, научни и културни достигнувања на албански јазик.

OhridNews