Во текот на вчерашниот ден до Основниот суд Скопје 1 – Скопје, а во врска со истрагата во предметот „Тендери“ поднесен е предлог за определување на мерки за претпазливост за две осомничени лица, информираат од СЈО. Оттаму додаваат дека од Судот е побарано осомничените лица да се јавуваат еднаш неделно – секој вторник кај определено службено лице во Основниот суд Скопје 1 Скопје. Воедно, за двете осомничени лица побарано е определување и на мерка претпазливост одземање на патна исправа, поради постоење на околности кои упатуваат на опасност од бегство.
Вчера објавените случаи од СЈО, „Топлик“ и „Тендери“ се однесуваат на продажбата на градежно земјиште наменето за изградба на елитна населба наречена „Сончев град“, на падините на планината Водно, во близина на Скопје, и за изведување на градежни работи на Музејот за македонска борба и државност, од страна на градежното претпријатие „Бетон“, кое било фаворизирано.
За случајот „Топлик“ осомничени се поранешниот Министер Јанакиески и пет лица членови на комисијата од ова Министерство за спроведување јавни набавки, а во вториот случај осомничена е Канческа – Милевска и тројца членови на Комисија за јавни набавки од министерството.
Според СЈО, инволвираните сториле кривични дела со што грубо ги повредиле јавните набавки и го оштетиле Буџетот на Македонија за по над еден милион евра.
OhridNews