Три часа траеше рочиштето во Кривичниот суд за притворот на бизнисменот Сеад Кочан, откако Врховен го врати предметот на повторно одлучување. Обвинителот од СЈО, Гаврил Бубевски, пред новинарите рече дека одбраната на Кочан презентирала медицинска документација со која тврди дека бизнисменот е во тешка здравствена состојба и му бил вграден стент.

Но, приложената медицинска документација отворила сомнеж кај Специјалното јавно обвинителство и обвинителот  побарал лекарот кој го лекува Кочан да биде повикан пред судијата на претходна постапка да ја образложи здравствената состојба на бизнисменот. Судијата го одбил ваквиот предлог, рече Бубевски, и пристапиле кон анализирање на доказите според насоките на Врховниот суд кој го укина притворот.

Според Бубевски, одлуката на Врховен претставува „драматично кршење на уставните и законските принципи“. Одбраната на Кочан, пак, тврди дека сложената здравствена состојба е причината што бизнисменот бил повеќе од два месеца надвор од државата.

Адвокатот на Кочан, Никола Додевски, рече дека преку решението за притвор и известувањето на медиумите за состојбата на Кочан се врши хајка против бизнименот.
Судот треба за шест часа да ја донесе одлуката дали ќе го прифати барањето на СЈО за определување притвор за бизнсменот. Поради обемноста на материјалите, се очекува тој рок да биде пробиен.