Специјалното јавно обвинителство (СЈО), во текот на денот, до Кривичниот суд ќе поднесе две обвиненија, соопшти на прес-конференција специјалната обвинителка Катица Јанева, на која го презентираше вториот шестмесечен извештај за работата на СЈО. Овој извештај Јанева ќе го достави и до Собранието на Република Македонија и до Советот на јавни обвинители.
Првото обвинение е поврзано со случајот „Тврдина“ за кое СЈО товари седум лица, а второто е поврзано со наводно нарачано насилство врз градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, за кое СЈО поднесе обвинение против 14 лица.
Првото обвинение е поврзано со незаконското прислушување и се однесува на уништување на документацијата поврзана со системите за прислушување од кои наводно се вршело неовластеното масовно прислушување. СЈО до Кривичниот суд ќе поднесе обвинение против седум лица, сите од Управата за безбедност и контраразузнавање.
Како што информираше обвинителката Фатиме Фетаи, првообвинетиот во случајот на незаконски начин формирал Комисија при што биле уништени 2.047 служебини списи. Во своето обраќање таа, исто така, рече дека СЈО прибавува докази за тоа- кој, како и зошто прислушувал.
Второто обвинение во кое според СЈО се опфатени 14 лица (од кои пет лица се обвинети како поттикнувачи и девет како директни извршители на насилство) е поврзано нарачано насилство врз градоначалникот на Општина Центар Андреј Жерновски.