Специјалното јавно обвинтелство – СЈО, покрена нов случај под кодно име „Таргет“ во кој се сомничат 10 лица, меѓу кои и тројца на раководни функции во Управата за контраразузнавање на Република Македонија за незаконско следење на комуникациите во периодот од 2008 до 2015 година.

Како што истакна специјалната обвинителка Фатиме Фетаи во наведениот период, без судска наредба, незаконски преку системот за следење на комуникациите на УБК биле следени и снимани разговори од најмалку 5827 телефонски броеви. Следени биле политичари, јавни личности и новинари, а процесот на злоупотреба на системите за следење на комуникациите продолжил и по објавувањето на аферата со прислушкуваните разговори.

-Постои основано сомнение дека првоосомничениот кој бил на раководна функција во УБК иако немал право ги слушал телефонски разговори снимени преку системот за следење на комуникациите и издавал наредби за следење на телефони на политичари, јавни личности и новинари. – рече обвинителката Фетаи.

Таа посочи дека надвор од судските наредби подолг период биле следени телефоните на лица осомничени во случајот „Пуч“. Телефонот на разузнавачот Зоран Верушевски бил следен најмалку 600 дена пред да биде издадена судска наредба, на неговата сопруга 800, а еден од броевите на лидерот на опозициската СДСМ Зоран Заев незаконски бил следен 1150 денови.

Незаконски биле следени и поранешните министри Гордана Јанкулоска (732 дена) Миле Јанакиески (над 2000 денови) Али Ахмети( над 1100 денови), Мендух Тачи (над 2500 денови), Љубе Бошковски (најмалку 320 денови) и други. Поранешниот премиер Никола Груевски не бил цел на прислушкувањето.

СЈО соопшти дека сите 10 осомничени се сомничат за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување за што е покрената предистражна постапка.

Запрашана зошто СЈО токму сега го покренува овој случај пред избори, бидејќи јавноста година и половина чека одговор на тоа кој прислушкувал во државата, обвинителката Ленче Ристовска истакна дека СЈО не работи по никакви нарачки и за никого, појаснувајќи дека предметот е отворен по согледување на сите докази, како и дека постапката била комплексна и траела долг период.

OhridNews