Во врска со вчерашните случувања во Управата за безбедност и контраразузнавање Специјалното јавно обвинителство објави соопштение, во кое се наведува дека СЈО добило гаранции од УБК дека опремата која е предмет на истрага ќе биде соодветно заштитена и чувана.
„Со допис бевме известени дека Управата како институција овозможува гаранција дека опремата и системите кои се предмет на наредбата во целост се обезбедени согласно прописите за класифицирани информации и дека барањето не е прифатено и поради почитување на принципите на тајност на функционирање на Управата, вклучувајќи ја и конспиративноста на идентитетот на припадниците на Управата.
Предвид наведеното одговорноста за обезбедување на опремата и системите, до пристигнувањето на надворешниот експерт, во целост е на товар на Управата за безбедност и контраразузнавање.
Појаснуваме дека компјутерските податоци кои треба да се одземат ќе овозможат утврдување дали се вршени манипулации со системите или се бришени одредени податоци. Воедно ги имаме предвид и гаранциите на Министерот за внатрешни работи, кој во текот на вчерашната вечер, а и за периодот што следува, се до доаѓањето на надворешниот експерт, презеде дополнителни мерки за обезбедување на кругот на Министерството за внатрешни работи, каде е лоцирана и Управата за безбедност и контраразузнавање.“ – се вели во соопштението.
OhridNews