“Како скандалозна, злонамерна и тенденциозна ја оценуваме одлуката на Комисијата за спроведување на натпревари на РФМ, со која се казнува Ракометниот Клуб “Охрид 2011” за напреварот со РК “Ринија” од Скопје“ – се вели во соопштението од општина Охрид по повод казната на РФМ кон охридскиот клуб.


“Наместо да бидат казнети виновниците, кои физички ги нападнаа играчите и стручниот тим на РК “Охрид 2011” и со класичен линч сакаа да се пресметаа со ракометарите, наместо да се согледаат последиците врз младите охридски спортисти кои со специјални полициски сили беа извлекувани од салата во скопски Чаир, гневот на Ракометната Федерација се насочи кон ракометниот клуб од Охрид. РК “Охрид 2011” е казнет со одземање на бодови, со парична казна во висина од 120.000 денари и забрана за водење на клубот од три месеци од страна на екс-репрезентативецот на Македонија и сегашен тренер на клубот, Горан Андоновски.

Ракометната Федерација на Македонија, преку ваквата одлука јасно се стави на страна на насилството во спортот, казнувајќи ги охриѓани и Охрид и отворајќи простор за сомежи и скриени намери на челниците на РФМ. Со ова се уништува ракометниот спорт во градот, се стопира спортската иднина на многу млади лица, кои преку ракометот имат желба да ги докажуваат своите спортски квалитети.

Охрид во минатите години беше домаќин на неколку младински Светски и Европски првенства во ракомет и во машка и во женска конкуренција. Охрид е едно од локалциите кои Балкански и Европски клубови го избираат за своја тернинг-база во припремниот период. Охрид има ракометен клуб “Охрид 2011” кој е продолжение на ракометната традиција во градот и кој денес е расадник на голем број на ракометни таленти. Никој нема право да ја уништува иднината на младите и да ја деградира работата на голем број професионалци и вљубеници во ракометниот спорт. 

Локалната самоуправа уште еднаш го искажува своето разочарување од сите зад кулисни случувања кои ја пратат работата на Ракометната Федерација на Македонија и истовремено дават целосна поддршка на РК “Охрид 2011” во нивните натамошните чекори.

ohridnews