Македонската национална асоцијација за дојдовен туризам (НАИТМ) во период од 28-30 октомври, во Копенхаген, Данска и Стокхолм, Шведска, ќе реализира интензивни промотивни активности за претставување на туристичките потенцијали на нашата земја.

НАИТМ ќе организира два настани (28.10. во Копенхаген и 30.10 во Стокхолм ) со кои ќе се претставиме пред влијателната јавност во туризмот, медиумите и туристичките инфлуенсери од Скандинавија.

Во рамките на настаните ќе се остварат средби со скандинавски тур оператори, туристички агенции и асоцијации, со авио компании од овој дел од Европа, како и со влијателни туристички блогери, медиуми и инфлуенсери. Ќе се претстави земјава како автентична туристичка дестинација, со голем потенција за одржлив туризам, велат од НАИТМ.

Roadshow-то во Скандинавија е поддржано од Швајцарската и Шведската амбасада во земјава, и нивните проекти SIPPO I RECONOMY.

Покрај македонските компании кои членуваат во НАИТМ, на овие настани ќе учествува и ТАВ Македонија со цел разгледување можности за подобро авионско поврзување со Скандинавските земји.

Целта на ова roadshow во Скандинавија, е да предизвикаме интерес, да ја претставиме нашата убава земја како автентична дестинација. Туристите нема да дојдат ако не ги заинтересираме и повикаме, ако немаме квалитетна промоција. Денес не се поставува прашање дали ни е потребна туристичка промоција, тука каква таа ќе биде. Колку и да е убава една дестинација, ако никој не знае за неа, таа останува само скриено богатство, а не туристички производ, посебно денес во ера на дигитализација, ефтини летови и лесна достапност на било која дестинација, изјави Драгана Панкова, оперативен директор на Националната асоцијација за дојдовен туризам (НАИТМ).

Од НАИТМ посочуваат дека Скандинавците се туристи со голема куповна моќ, патници кои сакаат автентични искуства и недопрена природа, а Македонија со своите планини и езера е идеална за нив доколку ја запознаат.

Би сакале да биде нивната порта кон останатиот дел од Балканот, потенцираат.

Инаку,  НАИТМ е асоцијација која ги обединува компаниите од различни сектори кои се бават со дојдовен туризам во Македонија. Ги промовира членовите и дојдовниот туризам во Македонија како еден од најважните економски сектори. Со цел унапредување на туризмот предлага законски решенија и превзема најразлични активности за промоција на туристичките сектори.

OhridNews