Претседателот на Ротаракт Клубот Охрид, Драги Здравески  и претставникот на бордот Стефан Палмер Стефан, речиси два месеци минаа во норвешката престолнина Осло, каде имаа можност да се сретнат со високи претставници на Ротари и Ротаракт клубовите од оваа скандинавска држава и да разменат искуства за нивната работа, да разговараат за идни настани и да подготват терен за понатамошни заеднички проекти.

Членовите на Ротаракт Клубот Охрид, своето скандинавско патешествие го започнаа на средината на месец  јуни, кога заедно со други учесници од балканските земји и студенти од САД, во градчето Лилехамер, кое во 1994 година беше домаќин на зимските олимписки игри, учествуваа на летна дијалог академија, организирана од Брун Стајнер во неговата “Нансен Академија”. Стајнер од  1995 година, кога и ја основа својата академија, речиси секоја недела организира семинари и средби за луѓето од поствоените балкански територи и им овозможува директно да се соочат, но само со една цел – да се воспостави дијалог преку кој секој ќе може да ја раскаже приказната на својата страна, но и да ја слушне приказната од страната која не ја познавал доволно. Сето тоа на крај резултира со градење силни врски на разбирање, што е основа за градење на подобар регион. Стајнер и неговата академија во 2009 година беа номинирани за Нобелова награда за мир.

По завршувањето на академијата, претставниците на Ротаракт Клубот Охрид, заедно со другите учесници им се приклучија на уште  550 студенти од 95 различни земји кои како дел од летната програма на Осло Универзитетот, имаат можност да студираат науки соодветни на нивното поле на интерес. Осло Универзитетот е еден од најстарите и најдобро рангираните европски универзитети, а искуствата од таму, претставувањето на Македонија во таа институција и размената на искуства за образованието, економијата, политиката, целокупниот живот и младите во двете земји, се од огромно значење, посебно за Македонија, бидејќи сите учесници се запознаа со нашата земја, истакнаа од Ротаракт клубот од Охрид.

Можноста за учество на овие престижни академиии и институции и претставување на ротаријанството од Охрид и Македонија, а и Македонија како земја се должи на соработката на Ротари и Ротаракт клубот од Охрид со Ротари клубовите од Осло, Норвешка, особено соработката со Ротари клубот Осло Вест, кој е носител на активностите и заедно со уште неколку клубови од околината на Осло, покровител и организатор на програмата ”Rotary Young Friends”.

Претставниците на Ротаракт клубот Охрид биле примени од градоначалнокот на Осло во Градската палата, учествувале на повеќе средби и состаноци со Ротари Клубовите од Осло, како и на настани и заднички дружења со младите ротаријанци од Осло на кои ја промовираа Македонија, а ги посетиле и Амбасадите на Босна и Херцеговина и на Србија во Норвешка каде оствариле средби со амбасадорите на двете земји.

OhridNews