Селекторот на шпанската репрезентација, Серџо Скариоло, упати низа комплименти на адреса на македонскиот национален тим за играта не само на полуфиналниот меч со неговата селекција, туку и во текот на целиот европски шампионат. Скариоло порача дека е особено среќен бидејќи дошол до победа над многу квалитетна селекција каква што е нашата, особено откако на патот до полуфиналето го елиминиравме домаќинот Литванија.
„Многу добро знаевме со кого си имаме работа, селекција што ја совладала Литванија среде Каунас никако не смее да биде окарактеризирана како слаба или наивна. Македонците се прикажаа во одлично светло на целиот шампионат, но и на мечот против нас. Тие се екипа што никогаш не се откажува, што секогаш игра со срце, со памет и со голем квалитет. Голема чест е да се биде во финалето токму по победа над еден вака квалитетен ривал“ – порача Скариоло.
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com