Пред
нешто повеќе од 3 години, љубителите на екстремни спортови од Охрид, го
добија еден од најдобрите скејт паркови во државава. Со тоа се надминаа
дел од проблемите со кои се соочуваа младите скејтери. И покрај тоа,
охридските скејтери, ги потсетуваат институциите дека редно е градот да
добие ваков објект од затворен тип.

Младите охриѓани посочија
дека се наближува зимата, а врнежливото време не им дозволува да
вежбаат. Заинтересираноста е огромна, но поради немањето услови повеќето
се откажуваат.

“Преку зима нема каде да одиме. Ни треба
континуитет за вежбање преку целата година. За ваквите спортови потребно
е максимално тренирање. Имаме многу нови скејтери, но со тек на време,
поради немањето услови, тие исчезнуваат
–  посочија Климент и Ѓоре, кои 5 години се занимаваат со овој спорт.

 
По примерот на Скопје, охриѓани бараат напуштен простор кој би можеле да го искористат за свои потреби.

“Во
Скопје, скејтерите направија затворен парк. Само им се даде простор од
општината, а елементите ги направија сами. Единствената помош што ја
имаме сите ние како дел од новоформираната  Скејтборд асоцијација на
Македонија, е еден скејт-шоп во Скопје. Со нивна помош, на почетокот од
летото, имавме организирано возење низ повеќе градови во земјава“
– потенцираа младите скејтери.

 
Инвестицијата
на претходниот проект е исплатлива. Цели 3 години заборавени се
импровизираните метални шипки на кои тренираа вљубениците во овој спорт,
а проблемите со полицијата се минато. Охридскиот скејт парк, ова лето,
беше посетен од скејтери од цела Македонија.

“Туристите ни се
одушевуваат. Често имаме посетители. Иако скејт културата во светот зема
огромен замав, кај нас уште постојат оние кои не дискриминираат. За
некои сме деликвенти и багабонти. Скејтот за нас е дружба. Иако улицата
со себе носи неубави работи, оваа култура е една позитивна работа на
асфалтов.“
– истакна Мартин, кој е еден од најискусните во овој спорт во
Охрид.

За крај упатија апел до Општната, Владата и до сите
институции кои ќе можат да помогнат во реализација на проектот и
додадоа: “Охрид ќе влезе на мапата на скејт дестинации. Ќе има туристи и
скејтери кои ќе доаѓаат во текот на целата година. Замислете да
скејтате во град покрај езеро. Сите ќе сакаат да доаѓаат. Ќе се
организираат меѓународни скејт натпревари и вон туристичката сезона.
Охрид веќе нема да е толку ладен и депресивен преку зима“.

Инаку
скејт-културата е настаната во седумдесетите години од минатиот век, а
за неколку децении успеа да се прошири низ целиот свет.

О.Т.