Застреланата Зорана Лебедик била посветена да им се најде на другите, вели Пат Харни, директорка за односи со јавност во разговорот со Гласот на Америка на македонски јазик.

„Шокирани сме од неразумниот акт на насилство“, беа првите зборови на Харни, за убиството на Македонката Зорана Лебедик.

Во телефонскиот разговор со Гласот на Америка на македонски, Харни рече дека следбеници од сите делови на светот престојуваат на обука во Црквата. Таа ја опиша Зорана како личност посветена да им се најде на другите. Црквата помага на пријателите и семејството на Зорана во овие тешки моменти, кажа Харни.

Во верската организација не знаат што точно се случило, но укажуваат на извештајот од полицијата дека најверојатно станува збор за обид за грабеж врз Зорана, поврзан со друг што се случил во непосредна близина и кусо време пред тоа. Харни верува дека Зорана била случајна мета на напад.

Таа потврди дека Зорана била дел од Скиентологијата со години наназад и во Клиарвотер присуствувала на серија семинари. Не кажа која е точната бројка на следбеници во Македонија, но потврди дека ова верско размислување зема сеж поголем замав.

Градот Клиарвотер не важи како место каде царува криминалот, иако тој е секогаш во пораст во тешки економски времиња, коментира Дана Клајн, почесната конзулка на Република Македонија во соседниот град Форт Лодердејл. Таа потсетува дека во Флорида владее висока стапка на невработеност. Вообичаено, криминалот е почест во југоисточниот дел на Флорида, вели Клајн, а најчесто се вмешани зависници од дрога во сиромашните квартови.

Скиентолошката црква во САД со години привлекува бројни познати музичари, писатели, актери, со повик дека може да им помогне да бидат поуспешни во животот.

Меѓу познатите скиентолози се актерите Џон Траволта, Том Круз, Џулиет Луис, музичарот Чик Кориа и оперската певица Џулија Мигенес.

 OhridNews
извор: „Макфакс“