Скопјанецот В.Ќ.(43) од Зелениково околу осум месеци оперирал  по станови и куќи во Охридско и  извршил дури 26 кражби. Охридската полиција деновиве успеа да го пронајде овој вешт криминалец, а против него веќе е поднесена  кривична пријава за 19  ,,тешки кражби” и 7 ,,кражби”.  Скопскиот крадец на кого Истражниот судија му одредил мерка притвор од 30 дена  ќе треба да одговара и за ,,Напад врз службено лице при вршење на работи од безбедноста”.


Според полициските записници, В.Ќ во периодот од август минатата година, до март оваа година, со употреба на подесен алат и со физичка сила, ги извршил казнените дела на подрачјето на Охрид, при што се стекнал со против-правна имотна корист од околу 10.000 евра или над 600.000  денари.

-Притворениот В.Ќ. преку добро разработен систем со употреба на сет штрафцигери, се специјализирал за разбивање на сигурносните брави од вратите и со употреба на физичка сила, насилно влегувал во повеќе куќи и станови , одземајќи пари, златен накит, вредни часовници, лап-топ компјутери, фотоапарати, мобилни телефони, накит од бело злато и охридски бисери, резбани и бакарни предмети, па дури и авионски карти за Австралија. Тој вешто ги кршел буренцата од влезните врати, се качувал преку балконите, ги користел металните конструкции за киви по дворовите и кршел прозори, по што вршел брзо пребарување по собите одземајќи ги парите и другите вредни предмети, информираше потпролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.


Алатот со кој В.Ќ ги извршил кражбите

Тој објасни дека скопјанецот бил фатен во посебна акција која ја сповеле деновиве полициските службеници од Одделението за општ криминалитет и Полициската станица Охрид.

-Крадецот бил  приведен во момент кога се обидувал да изврши кражба во стан во Охрид. Во посебна акција, организирана за негово приведување, пријавениот нападнал полициски службеник, но притоа успешно бил совладан и приведен. При претрес во еден стан, пронајден е дел од алатот кој бил употребуван при кражбите и дел од одземените предмети, нагласи Димоски.

Инаку В.Ќ. е познат извршител на вакви и слични казнени дела и истиот бил баран од Основниот Суд во Скопје, за издржување на казна затвор во траење од шест месеци.

OhridNews