Околу 100 земјотреси се случиле во Скопје и околината од првиот потрес од неделата наутро, пишува „Утрински весник“. Сите биле со различна јачина.

Светската сеизмолошка опсерваторија (ЕМСЦ), која го бележи секој случен земјотрес во реално време, во понеделникот регистрираше серија потреси во Турција кои продолжија и во текот на вчерашниот ден, а земјотреси вчера ја зафатија и Грција, како и Бугарија и источномедитеранскиот регион. Најсилниот потрес во Турција имаше јачина од 4,8 степени, во Јужна Грција беа измерени 4,2, потоа и 2,7, во Бугарија 2,5, додека во Медитеранот имаше земјотрес од 3,1 Рихтерови степени. Сеизмолозите велат дека не може да се најде непосредна врска меѓу сите овие земјотреси и тие кај нас, особено што прво се случи земјотресот во Скопје, а потоа следуваа останатите, што значи дека се работи за редовна сеизмичка активност.

Според експертите целокупната сеизмичка активност на Балканот, вклучувајќи ја и Македонија се должи на придвижувањето на Африканската и на Арабиската тектонска плоча кон Евроазиската тектонска плоча. Ова што се случува сега е дел од регуларните активности на скопското епицентрално подрачје, пишува „Утрински“.

OhridNews