– Идејата на проектот беше да се направи не само филм туку и едно движење во кое ќе ги собереме сите млади прогресивни уметници од цела Македонија. Трагавме по уметници кои не се доволно експонирани пред јавноста и не спаѓаат во групата на естрадни поп музичари. Сметавме дека Македонија има огромна и квалитетна музичка сцена и затоа одлучивме да се даде акцент на музичкиот аспект, од каде што произлезе и насловот, објаснува Борјан Зафировски, еден од режисерите и продуцент на „Скопје Ремикс“.
Зафировски потенцира дека филмот е збир на уникатни приказни, мисли и визии за Скопје на младите македонски режисери и нивното доживување на градот.
– Размислувавме долго време како треба Скопје да биде претставено и сфативме дека никој од нас нема право да зборува што е Скопје, затоа што не постои една унивезрална вистина, туку тоа е лично доживување и видување на секој режисер со надеж дека од тоа заедно ќе створиме унивезрална слика, барем од страна на нашата генерација, додава Зафировски.
Тој рече дека засега впечатоците на публиката која имала можност да го проследи филмот се позитивни за што се доказ полните кино сали во текот на неколкуте денови од прикажувањето во Скопје.Иако, додаде Зафировски, е малку неблагодарно да се зборува во име на публиката.
Улогите во „Скопје Ремикс“ ги толкуваат, Милан Тоциновски, Софија Куновска, Јовица Михајловски, Дејан Лилиќ, Кирил Коруновски, Нина Гачиќ, Оливер Митковски, Ана Стојановска, Александар Микиќ, Јана Стојановска, Камка Тоциновски, Јулија Милкова, Игор Ангелов, Владимир Христов, Сашко Костов, Ирфан Незир, Емра Куртишова и Јелена Јованова.
Охридската публика, во Центарот за култура „Григор Прличев“ има можност да го проследи филмот од денес до сабота. Проекциите почнуваат во 20 часот.