Градот Скопје е целосно подготвен за УЕФА Суперкупот 2017, кој ќе се одржи на 8 август, на националната арена „Филип Втори“. За трофејот ќе се борат актуелните освојувачи на Лигата на шампиони и Лига Европа на УЕФА, Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед. Деталите за подготовките за овој голем спортски настан ги соопштија градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, портпаролот на Фудбалската федерација на Македонија, Златко Андоновски, и маркетинг директорот на „Идеја лаб“, Димитар Атанасовски.
„Градот Скопје активно се вклучи во организацијата за одржувањето на овој настан и заедно со ФФМ работевме на исполнување на сите барања и стандарди поставени од УЕФА. Изминатиов период Градот Скопје преку своите јавни претпријатија активно работеше на исполнување на овие барања и стандарди, на подобрување на изгледот и хигиената во Скопје. Покрај овие активности, Градот Скопје изработи промотивно видео на англиски јазик, чија цел ќе биде информирање на туристите и промовирање на убавините на Скопје. Воедно, ова е видео коешто ја покажува гостопримливоста на градот во пресрет на овој голем спортски настан, а изработени се и информативни брошури за Скопје на повеќе јазици“, рече градоначалникот Трајановски.
Во подготовките активно е вклучена и Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), откаде во пресрет на натпреварот ќе организираат „Трофеј тура“. Во девет градови во Македонија (Тетово, Охрид, Битола, Прилеп, Неготино, Струмица, Штип, Куманово и Скопје) ќе бидат изложени трите пехари на УЕФА на Лигата на шампионите, Лигата на Европа и Суперкупот. Турнејата ќе почне на 1 август.
„Покрај ова, ФФМ ќе организира и голем број натпревари за најмладите фанови, кои ќе се одржуваат на мини терени што ќе бидат поставени во градовите каде што ќе бидат изложени пехарите. ФФМ со добиената доверба за организацијата на Суперкупот 2017 станува еден од најголемите амбасадори на нашава земја, промотор на фер-играта, на социјалното и општествено вклучување, промотор на здравје и едукација во нашето општество“, рече портпаролот на ФФМ, Златко Андоновски, пренесува „Макфакс“.
Околу техничката организација на УЕФА Суперкупот 2017 и многубројните содржини што ќе бидат достапни за сите посетители во Скопје, деталите ги соопшти Димитар Атанасовски од „Идеја лаб“.
„Градот Скопје изработи видео на англиски јазик, чија цел ќе биде информирање на туристите и промовирање на убавините на Скопје. Овој спот е одобрен од УЕФА и истиот ќе биде дистрибуиран до сите канали и портали на УЕФА, како и до каналите за комуникација на Реал Мадрид, Манчестер Јунајтед и нивните навивачки групи кои потоа ќе ги дистрибуираат. Дополнително, во организација на Град Скопје е целосното брендирање на градот, а деновиве и скопското Кале ќе светне во сината боја на Суперкупот. Во организација на Град Скопје е и организирањето на т.н. ‘неутрална фан зона’, како и точките на поаѓање на навивачите кон стадионот „Филип Втори“. Неутралната фан зона е лоцирана на Плоштадот Македонија и на истата ќе се организираат голем број активности за посетителите од сите возрасти. Ќе има голема сцена каде што ќе се организира музичка забава од 11 до 19 часот на 7 и 8 август, тука ќе бидат поставени оригиналните трофеи во рамки на ‘Трофеј турата’, ќе има ѕид на финалисти каде што сите навивачи ќе можат да се фотографираат, ќе бидат поставени штандови на партнерите на Суперкупот… Во оваа фан зона ќе биде поставен и мал фудбалски терен, на кој ќе се одиграат финалните натпревари од турнирот кој ќе се игра низ цела Македонија, во рамките на ‘Трофеј турата’“, кажа Атанасовски.
Титулите од трите клупски натпреварувања под капата на УЕФА ќе бидат изложени на 1 август во Охрид.
OhridNews