
-Според нашата евиденција кај нас е постигнат степен од околу 99 % на прва имунизација и околу 95% на ревакцинација за морбили. Со овој степен значи дека граѓаните на нашиот град во голема мера се заштитени од ова заразно заболување, информираше д-р Јованка Стурлакова Корвешовска, од Епидемиолошкото одделение при Центарот за јавно здравје во Охрид.
Инаку на територијата на Скопје од 6-ти јануари, до сега биле потврдени 25 случаи на морбили од кои 22 се хоспитализирани. Здравствените власти апелираат до родителите чии деца не се вакцинирани, да ги вакцинираат, бидејќи 50 проценти од заболените се деца под 4-годишна возраст.
Од Републичкиот Центар за јавно здравје најавија дека вонредно ќе бидат вакцинирани само лицата кои имаат блиски контакти со заболените, додека пак вонредно вакцинирање на сите деца засега нема да има.
Според медицинските написи Мали сипаници или морбили е инфективна болест на респираторниот систем предизвикано од вирус од групата миксовируси. Болеста најчесто се јавува кај малите деца, при што не се исклучени и бебињата. Симптомите на болеста се поделени во три различни стадиуми, во зависност од периодот на развој на заболувањето:
• Инфективен стадиум, при што се јавува зголемена телесна температура од 38 до 40 степени. Децата се жалат на главоболка, малаксаност, вознемиреност и жед.
• Катарален стадиум, при што лицето не може да поднесе светлина, има зуење во ушите, солзење на очите, му тече носот и секрецијата е зголемена.
• Трет стадиум, во кој во устата се појавуваат бели наслаги што се задржуваат два до три дена, а по еден до два дена се јавува осип на кожата со телесна температура од 38 до 40 степени. Првиот осип (макули) се јавува навечер, во пределот на косата. По еден до два дена, тој осип се шири по целото тело, при што кожата станува видливо црвена, со ситни макулозни промени. Осипниот стадиум трае 3 до 6 дена и потоа осипот почнува да бледее, а по една недела се губи.
Е.М











