Аеродромот „Александар Велики“ во Скопје ја доби наградата за квалитет на аеродромски услуги доделена од Меѓународниот аеродромски совет за најдобар аеродром во Европа за 2012 година, благодарение на високиот квалитет на услуги кои ги нуди на своите патници.

Од 2006 година наваму, Меѓународниот аеродромски совет ги доделува наградите за квалитет на аеродромски услуги кои оддаваат признание на најдобрите аеродроми во светот врз основа на испитувањето за квалитетот на аеродромските услуги, а истите претставуваат можност за поттикнување на посветеноста на аеродромите на светско ниво за постојано подобрување на искуството на патниците. Над 275 аеродроми се во конкуренција секоја година.

 „Ние во ТАВ Аеродроми сме почестени што ја добиваме оваа престижна награда за скопскиот аеродром, кој беше одново изграден и започна да дава услуги за многу кратко време, што се заснова на нашето знаење и искуство. Затоа, радосни сме што ја добиваме оваа награда како резултат на впечатоците и искуството на нашите гости кои патувале низ многу аеродроми во Европа. Би сакал да се заблагодарам на сите наши соработници, а особено Министерството за транспорт и врски, за сите заеднички напори кои придонесоа кон постигнувањето на овој успех“, изјави Мурат Орнекол, Главен оперативен директор на холдингот ТАВ Аеродроми.

Наградите за квалитет на аеродромски услуги се доделуваат во четири категории: најдобар аеродром по регион, најдобар аеродром по регион (со помалку од 2 милиони патници годишно), најдобар аеродром по големина и назначајно подобрување.  

OhridNews