Поради недостиг на доктори специјалисти по педијатрија одделот за детски болести при ЈЗУ Општа болница Охрид ќе работи со скратено работно време, додека не се најде соодветно решение односно потребниот кадар од педијатри.

Од денес одделот за детски болести при ЈЗУ Општа болница Охрид ќе работи и извршува амбулантски прегледи на пациенти со скратено работно време од 8 до 20 часот од понеделник до петок, за време на викенд и останатото време пациентите да се упатуваат до одделот за детски болести при ЈЗУ Општа болница Струга. Новото работно време ќе биде од времен карактер се до обезбедување на кадар за работа, се вели во денешното соопштение од Општата болница Охрид, потенцирајќи дека за евентуални промени на работно време граѓаните ќе бидат навремено информирани.

Директорот на болницата, Горан Балевски вели дека во моментов на одделот во охридската болница работат само двајца педијатри, бидејќи две докторки се тешко болни, болест која не е поврзана со Ковид, некои се заминати во пензија, додека тие кои се на специјализација ќе треба време додека да се вратат.

Имавме од Министерството одобрени специјализации за педијатрија, но не се пријавија доволен број лекари. Немаме доктори да ги пратиме на специјализација. Договорени сме со Струшкото одделение во нивната амбуланта во вечерните часови да одат пациентите во Струга во наредниве две – три недели додека да се реши овој проблем. За овој проблем е известено и Министерството за здравство за да се изнајде решение дали тоа ќе биде со ротација на кадри од други градови. Но, дополнителен проблем е што недостиг на педијатри има и во Струга, Кичево, во Битола одат од Прилеп педијатри, така да и за ротација од соседните градови ќе имаме проблем, додава Балевски.

Добро е што Струшката болница е блиску и ни излезе во пресрет. Ќе пробаме првично проблемот да го решиме некако со ротации, исто како и во делот со анестезиолози, вели Балевски и нагласува дека недостигот на педијатри е проблем на ниво на држава.

Н.С.Ј.