Скринингот на учениците за присуство на вирусот на Ковид-19 ќе започне следната седмица, со задоцнување од една недела поради подолгото траење на анализата за опфатот на учениците во основните и средните училиштата, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Моделот за скринингот е готов. Задоцнивме една недела, требаше да започне оваа недела, но нешто подолго потраjа анализата на учениците по училишта, во основни и во средни. Со оглед дека сега е подготвена методологијата, од утре ќе започнеме да бараме заедно со МОН писмена согласност од родителите согласно методологијата. Јас верувам дека до крајот на оваа и почетокот на следната недела тоа ќе се обезбеди за да во текот на следната недела и практично се спроведе скринингот, рече Филипче на новинарско прашање до каде е постапката со скринингот по обраќањето на настан за подигање на свесноста за значењето на донирање органи и ткива во лекување и спасување човечки животи.

Појасни дека се знае колкава бројка во кој од класовите во кои училишта ќе бидат опфатени согласно бројката на училишта во општините и ученици во тие училишта, и основни и средни. Верува дека тоа брзо ќе се спроведе бидејќи ќе се прави преку електронскиот дневник како и поради можноста на родителите веднаш да одговорат.

Апелирам да го прифатат скринингот. Не е тоа ништо страшно, се зема обичен брис кај децата, исто како брисевите за детектирање и на други причинители на горнореспираторни инфекции со цел за пократко време да имаме еден пресек, една слика. Сега епидемиолошката ситуација е прилично мирна, немаме заболени деца, немаме хоспитализирани деца. Десетина до 15 деца се во болницата во Козле и во ниту една друга институција. Нема податоци за ниту една друга трансмисија во училиштата, но битно е да знаеме дали евентуално би откриле асимптоматски носители на вирусот кај децата, рече Филипче.

Целта на скринингот, како што порано минатата недела изјави Филипче, е да се утврди дали постојат асимптоматски носители на вирусот меѓу децата и дали тој се пренесува во самите училишта. Со скринингот треба да се опфатат околу 8 200 деца, кои ќе се тестираат по случаен избор, за што ќе се бара и писмено одобрение од родителите.

OhridNews