Со логото „органска храна“, најголемиот број прозиводи кои можат да се најдат во дел од маркетите се медот, пчелните продукти и млечните производи.  За разлика од западноевропските земји каде органската храна е се популарна и се продава во големи количини, кај нас интересот е мал.


– Иако во помал број, има клиентела која ги бара и купува ваквите производи, која знае што значи органско производство и чиј семеен буџет тоа го дозволува со оглед на тоа дека ваквите производи се поскапи за разлика од останатите, вели  проф. Д-р Сузана Кратовалиева од Земјоделскиот институт од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

Таа потенцира дека повисоките цени се поради тоа што производството на органска храна е поскапо од традиционалното, кое потекнува од незагадена и неконтаминирана почва, но за жал поради слабиот пласман тоа се повеќе се напушта од страна на македонските земјоделци.


Македонија има голем капацитет да произведува здрава храна, доволно е само да се престане со користењето на вештачкото и тоа да се замени со арското ѓубриво. Предноста кај нас е што Македонија располага со големи површини неискористена обработлива површина, незагадена и неконтаминирана почва на која успеваат висококвалитетни земјоделски производи, потенцира Кратовалиева.

Потребно е само да се обезбеди пласман на земјоделските производи за селата во земјваа да заживеат. Во тек е подготовка на повеќе проекти кои ќе овозможат поддршка на производителите и производството на здрава храна од нашето поднебје. Со тоа повеќе нема да има потреба да се увезуваат производи од другите земји, затоа што на побарувачката на домашниот пазар ќе се одговори со висококвалитетни земјоделски производи, здрава храна произведена во Македонија, нагласуваат стручните лица.   

OhridNews